Санација на кровот од ранохристијанската базилика на Плаошник се очекува да почне наскоро. Тања Паскали Бунташеска, конзерватор-советник при НУ Завод и Музеј Охрид вели дека во тек се преговори за отпочнување со санација на кровот и се надеваат дека реализацијата ќе започне штом тоа го овозможат временските услови.

Во тек се преговори за отпочнување со санација на кровот од ранохристијанската базилика на Плаошник. Се надеваме после подобрувањето на временските услови да се пристапи кон реализација. Поправката на кровот ќе се изведува со финансиски средства од сметката за самофинансирачки активности на НУ Завод и Музеј-Охрид, вели Паскали Бунташеска.

НУ Завод и Музеј Охрид, вели, констатира и оштетувања на Спомен куќата на Григор Прличев и спроведе низа активноста во насока на санација на истите.

Како последица на оштетените окапници на еден дел од кровот се појави прокиснување на самиот објект. Од прокиснувањето беа оштетени дел од ѕидовите на кои беше констатирана влага и појава на мувла. Во таа насока беше извршена поправка на лимените окапници, а беше извршено и отстранување на оштетената глет маса на ѕидовите каде беше појавена влага и мувла и истите беа премачкани до поликолор. После завршувањето на градежните активности објектот беше комплетно исчистен и спремен за одржување на Прличевите Беседи. Со изведување на активности се изврши санација на оштетените делови од објектот и се спречи негово понатамошно оштетување, додава.

Во спроведување на овие активности биле ангажирани дел од вработените на НУ Завод и Музеј Охрид и едно надворешно лице, а интервенциите биле финансирани од сметката за самофинансирачки активности на НУ Завои и Музеј Охрид.

Паскали Бунташеска информира и дека во 2022 година биле спроведени низа активности за тековно оддржување на Спомен Куќата на Христо Узунов и музејот Куќа на Робевци.

При тоа, во Куќа на Робевци при ревизија на кровниот покривач на објектот биле констатирани оштетувања, отстранети капаци и ќерамиди, извршено прередување на дел од оштетените ќерамиди, поставени нови капаци и ќерамиди во продолжен малтер.

Заради протекување на голема количина атмосверска вода во внатрешноста на објектот на постојните оџаци се поставени лимени фиксни капаци. Беше извршено и крпење и коење на оштетените делови од јужните прозори, извршена соодветна санација и на металните решетки на првиот кат, додека во приземјето обработени се оштетувањата на парапетниот ѕид зад постаментите, а интервенирано е и на дрвениот патос кај билетарата, вели.

Во Спомен Куќата на Христо Узунов извршено е крпење и кроење на ошетените делови од јужните прозори, извршена санација на оштетувањата и зацврстување на прозорците на првиот и вториот кат, како и замена на дел од дрвените первази кои биле многу оштетени, а извршена била и и санација на ѕидните опшиви.

Се надеваме дека и за 2023 година Министерството за култура ќе одобри финансиски средства за тековно одржување на објектите. Со оглед на тоа што сеуште резултатите од конкурсот за 2023 година не се објавени, не сме во можност да дадеме точни податоци на кои објекти ќе се работи, потенцира Паскали Бунташеска.

Н.С.Ј.