Засега непознат сторител вчера го украл македонското знаме кое било поставено во комплексот Арабати Баба Теќе во Тетово, поставено на Бектешката заедница во Република Македонија – Света Столица Тетово, соопштија од СВР Тетово каде што ноќеска се пријавени уште неколку насилства.

Како што пренесва „Макфакс“ во Тетово во текот на петокот и ноќта кон саботата продолжува серијата улични насилства во коишто се инволвирани претежно млади лица.

Околу 1.40 часот во саботата во тамошната полициска станица две 23-години момчиња пријавиле дека додека  се движеле по улицата „Маршал Тито“ биле пресретнати и без повод и причина физички нападнати од шест-седум лица, на возраст меѓу 20 и 25 години.

Тетовската полиција синоќа, исто така, регистрирала и нарушување на јавниот ред и мир, кога нејзин припадник бил спречен во извршувањето на службено дејствие, при што бил физички нападнат со тврд предмет во пределот на главата, при што му била расечена левата аркада. Еден од напаѓачите бил идентификуван како 23-годишен жител на Тетово, по кого се трага како и по другите напаѓачи на полицаецот.

Во петокот во приквчерните часови во Тетово две 16-годишни девојки на улицата „Гоце Стојчевски“, биле пресретнати од група лица на возраст од околу 18 години, при што на разминување едно момче од групата, без повод и причина физички нападнало едно од девојчињата, удирајќи ја со нозе и раце и навредувајќи ја.

Доцна вечерта во петокот, пак, околу 23 часот полициската станица од селото Групчин добила повик од вработен на наплатната рампа кај селото Желино и пријавил дека додека бил на работно место, физички бил нападнат од страна на две  лица, коишто не ги пуштал да ја мината рампата без да платат патарина.

Иако од Министерството за внатрешни работи, не се наведува националноста на инволвираните во инцидентите, жители на Тетово велат дека станува збор за конфронтирања со меѓуетничка заднина.

OhridNews
извор: „Макфакс“