Наредните два дена во Тирана- Албанија  продолжува фазата  Дримски Дијалог,  започната на 2- ри ноември во Охрид 2010 година. Тоа всушност  е пред- фаза за имплементација на главниот проект за интегрирано управување со Дримскиот Басен.

Во Тирана ќе се одржат Националните консултации на албанската страна како и 3-тата средба на Кор групата за Дримскиот Дијалог составена од преставници од петте држави од Дримскиот Басен.

На состанокот сите страни ќе го презентираат напредокот и проблемите во заштитата на суб-басените ,а на македонска страна тоа се Охридско езеро, Преспанско езеро и Црн Дрим. Ќе се заврши Извештајот за Анализата на состојбата на целиот Басен и ќе се иницира структурата на текстот на документот Заедничка Визија за Дримскиот Басен, што е една од целите на процесот. Исто така ќе се евидентира и до каде е постапката за конечно одобрување на Главниот Проект за Дрим кој веќе е потпишан , испратен и прелиминарно одобрен во Глобалниот Еколошки Фонд во Вашингтон, информира Дејан Пановски од Управата за животна средина при МЖСПП, воедно и -член на Кор Групата за Дримскиот процес.

Дримскиот процес како иницијатива набрзо ќе биде поддржан и на високо политичко ниво. На 18 Април во Охрид ќе се одржи регионален  состанок на високо политичко  министерско, ниво поттикнато од македонското МЖСПП ,како иницијатива за размена на искуства помеѓу сите процеси за заштита што се одвиваат во регионот (Охрид, Преспа ,Скадар , Сава ).

Паралелно , еден од најзначајните акти како поддршка на овие процеси е измената на систематизацијата во Секторот води во Управата за животна средина при МЖСПП каде Одделенијата конечно се формираат на ниво на речни басени што ќе значи директна имплементација на Европската директива за води во Македонското законодавство и систем. Ќе има три такви одделенија, едни за сливот на Вардар, едни за река Струмица и Јужна Морава,  а постојното одделение за заштита на Охридско Езеро според новата систематизација  ќе добие официјално име : Одделение за управување со сливното подрачје на реката Црни Дрим, вели Пановски.

OhridNews