Во Куќата на Уранија (МАНУ) во Охрид,  денеска се одржа беседа за лауреатот на Светската награда на хуманизмот, што годинава ја доби Светлана Мојсов, професор на Универзитетот Рокфелер во САД. Со оваа награда Охридската академија на хуманизмот го слави името на Свети Климент на сите светски меридијани.

Беседа за добитничката на Светската награ за хуманизам за 2025 Светлана Мојсов. Фото: А. Момироска I OhridNews

Мојсов наградата ја добива за нејзиниот придонес во современата медицинска наука, особено за нејзините структурални биохемиски откритија и ендокринолошки достигнувања во развивањето на ефективни лекарства за справување со дијабетесот и дебелината, како и за ублажување на асоцијативни форми на патологии.

Светлана Мојсов. Фото: Светска академија на хуманизмот.

Поради неодложни обврски таа во последен момент го откажа доаѓањето во Охрид и не присуствуваше на церемонијата. Добитничката на наградата испрати писмо до претседателот на интернационалното жири, амбасадорот Јордан Плевнеш, во кое изразува огромно задоволство што е лауреат на престижното признание,

За мене претставува голема чест што сум добитник на наградата на Охридската академија на хуманизмот. За мене оваа награда има и емотивен контекст, имајќи го предвид моето македонско потекло, а воедно што ќе се приклучам кон меѓународната плејада истакнати добитници од минатото, кои создадоа од оваа награда признание со кое се гледа со огромен респект насекаде во светот, пишува таа.

 

Беседа за добитничката на Светската награда на хуманизмот одржаа претседателот на МАНУ, академик Живко Попов  и Јордан Плевнеш кој се осврна на значењето на Охрид и овој настан во глобални рамки во актуелниот момент.

Водени од визијата на Св. Климент Македонија излезе во светот со една света и бесмртна идеја дека на Охрид му прилега да биде светски центар на хуманизмот, бидејќи друг таков град што ќе го слави хуманизмот во време кога нуклеарните сили и тиранијата на капиталот се закануваат дека ќе го уништат светот и човештвото, друг таков град прогласен за центар на хуманизмот нема. Затоа денес на празникот посветен на Св. Климент го славиме делото на добитничката на Светската награда за хуманизам за 2025 година Светлана Мојсов, истакна Плевнеш.

Плевнеш потсети дека се уште не е целосно реализирана идејата за поставување паметник на добитниците на Светската награда на хуманизмот во Охрид што ја иницираше бугарскиот сликар со светско реноме Светлин Русев. Тој во меѓувреме почина, а големиот македонски скулптор Жарко Башевски го обликува тој меморијален споменик, а општина Охрид го одреди место за негово поставување.

Да се надеваме дека ќе се најде жив човек или институција која во невидените количини на милилиони и милијарди корупција и криминал ќе ја издвојат таа бедна сума со која ќе биде подигнат живиот монумент на Охрид како светски центар на хуманизмот, рече Плевнеш.

На свеченоста присуствуваа бројни гости и видни личности од јавниот и општествениот живот, меѓу кои и претседателката на Македонија Гордана Сиљаноска – Давкова, Архиепископот на МПЦ г.г. Стефан, Митрополитот Дебарско-кичевски г. Георгиј и градоначалникот на Охрид Кирил Пецаков.

Нашиот град денес Светски центар на хуманизмот благодарение на Светската академија на хуманизмот. Особено сме горди што годинешен добитник на светската награда за хуманизам е Светлана Мојсов, родена скопјанка, која е втор добитник од Македонија по академик Георги Старделов, на што сме особено горди, истакна во обраќањето градоначалникот Пецаков.

Со оваа манифестација се активира генетскиот код и колективната меморија од првата школа на хуманизмот основана од големиот светител Климент Охридски кому денес му се поклонуваме. Во време на планетарни потреси, климатски промени, природни катастрофи, поплави, бури и поижари од невидени размери, со воени жаришта и конфликти во кои се вовлекува цел свет Школата на хуманизмот доаѓа како мелем, дрво од рајот кое испушта благородни корени, а неговите кислорни капки не спасуваат, рече Пецаков.

Светлана Мојсов, е деветнаесетти добитник по ред на ова исклучително признание со кое што Охрид, градот на УНЕСКО, веќе ги овенча нобеловците Александр Солжењицин, Херта Милер, светските легенди Даисаку Икеда,Рави Шанкар, Питер Брук, Маноел Де Оливеира, Романо Проди, будејќи ги изворите на духовната меморија од првата средновековна школа на хуманизмот, основана од учениците на Св. Кирил и Методиј, заштитниците на Европа.

Настанот се организира во поддршка на Министерството за култура и туризам на Македонија и Општина Охрид.

Г.М.
Фото: А. Момироска