Централниот борд на ФИБА на состанокнот во Мадрид одлучи дека Венецуела ќе го организира квалификацискиот кошаркарски турнир за Олимписките игри 2012 година.
По оваа одлука на светската „куќа на кошарката“, Венецуела од 2 до 8 јули ќе ги пречека 12-те репрезентации кои ќе се борат за преостанатите три места на Олимписките игри во Лондон. Ова е прв пат во историјата Венецуела да организира кошаркарски турнир од ваков карактер.
Македонската кошаркарска репрезентација, по големиот успех на Евробаскетот во Литванија, ќе биде дел од тие квалификации во кои покрај домаќинот, уште учествуваат и Ангола, Доминиканска Република, Грција, Јордан, Кореја, Литванија, Нов Зеланд, Нигерија, Порто Рико и Русија. Тимовите ќе бидат поделени во четири групи, по кои најдобрите ќе разигруваат за највисок пласман.
Инаку, покрај одлуката Венецуела да биде домаќин на машкиот квалификациски Олимписки турнир, во Мадрид денеска ФИБА одлучи и дека Турција ќе организира предолимписки турнир во женска конкуренција. Квалификациските турнири за Олимписките игри прв пат се воведоа во 1960 година, но беа прекинати во 1992. Со реактивацијата во 2008 година, ова е втор турнир од ваков карактер по ред.
Ohridnews