Во досега реализираните засилени контроли во делот на фискализацијата кои се спроведуваат низ целата земја, од страна на Управата за јавни приходи затворени се вкупно 152 објекти. Кај најголемиот број од нив станува збор за фирми кои не го пријавувале прометот преку фискалниот апарат.
Во зависност од прекршокот – непоседување на фискален апарат, неиздавање на фискални сметки и неводење на задолжителната финансиска документација, фирмите кои го заобиколиле законот се соочуваат со глоби во вкупен износ од 170.950 евра во денарска противвредност, како и со затворање на објектот од 15 до 30 дена.
Во еден случај поради спречување на вршење на службените задачи на даночните контролори и кинење на записници и налог, за даночниот обврзник била поднесена и кривична пријава.
Управата за јавни приходи постојани апелира до фирмите да го регистрираат прометот во готово на начин пропишан со законот. Неиздавањето на фискалните сметки на потрошувачите е неисплатливо за бизнисите, земајќи предвид дека паричните казните во делот на фискализација се високи и истовремено може да се соочат со забрана на вршење професија, дејност или должност во траење од една година.












