Заводот за Кардиоваскуларни заболувања од Охрид продолжува да чекори кон унапредување на здравствениот систем, согласно националнатѕа стратегија, информираат од оваа здравствена установа. 

“Заводот за Кардиоваскуларни заболувања од Охрид, кој инаку претставува темел на јавното здравство во областа на превенцијата и лекувањето на кардиоваскуларните заболувања во поширокиот југозападен регион, и единствена јавна институција за рехабилитација на истите во Република Македонија, континуирано продолжува со своето позитивно работење и забрзан развој, но во истовреме со навремено и успешно имплементирање на сите проекти од Министерството за здравство на РМ“, вели в.д. директорот на установата Д-р. Изабела Афтовска-Наумоска.

Директорката на Заводот за кардиологија изрази задоволство од имплементацијата и придобивките од воведувањето на проектот „Мој термин“ кој, како што вели таа, во оваа здравствена установа веќе одамна беспрекорно функционира.

-Од една страна воочлива е присутноста на зголеменото задоволство кај пациентите кои со проектот се опслужуваат навремено, организирано и брзо, а од друга страна значајно е и зголемувањето на мотивираноста на здравствениот персонал во сиот тој процес на давање и примање услуги по нов терк.
Користа од проектот Мој термин никако не смее да се занемари и во однос на неговото влијание врз индивидуалната успешност на секој од лекарите специјалисти поединечно, кои од друга страна сите заедно го чинат носечкиот столб на институцијата и се главни носители на дејноста, во континуитет. Истите, како непосредни чинители во работниот процес сега имаат можност во услови на поголема организираност да делуваат со поголема ефикасност, поефективно да ги исполнуваат своите обврски, а со тоа да придонесуваат врз постојаното зголемување на продуктивноста од работењето на целата установа, но секако и врз својата индивидуална успешност, вели Афтовска-Наумоска.

Таа посочува дека со изнаоѓање начини да се зголеми здравствената култура кај населението, а од друга страна со зголемена принципиелност на сите матични доктори во склад со правилата кои ги налага проектот „Мој термин“, со тек на време сосема би исчезнале и оние некои ретки недоразбирања кои повремено се јавуваат во процесот на функционирање на истиот.

OhridNews