Во завршна фаза е рехабилитацијата на магистралниот пат Охрид – Св. Наум во должина од 24,3 километри. До сега, со завршен асфалт комлетно е асфалтиран потегот од граничниот премин на Р. Албанија до Пештани во должина од 19 километри, велат од Министерството за транспорт.

Со рехабилитација на оваа главна туристичка сообраќајна делница, ја подигнуваме безбедноста во сообраќајот и обезбедуваме квалитетна патна врска од Охрид до манастирскиот комплекс Св. Наум. Исто така, овој магистрален пат има регионално значење бидејќи претставува патна врска со Република Албанија, посочуваат.

Заради зголемување на безбедноста во сообраќајот како и прегледност на патот, потенцираат дека било извршено растеретување на косини од нестабилен карпест материјал, завршено е со монтажа на заштитна челична мрежа на косините, а на дел на патот поставена е заштитна ограда.

Согласно договорниот рок, се очекува патот комплетно да биде завршен до крајот на месец јуни пред почетокот на летната сезона. Oстанува да се доасфалтираат уште околу 5 км од излезот на Пештани до хотелот Метропол, да се постави заштитна ограда како и хоризонтална и вертикална сигнализација. Со реализација на овој проект покрај подобрување на патната мрежа во охридскиот регион го подигнуваме квалитетот на туристичкиот потенцијал и го потикнувме економскиот развој на Охрид, додаваат од Министерството.

Инаку, инвестиционата вредност за рехабилитација на овој патен правец е 11,6 милиони евра, средства обезбедени од буџет на ЈП за државни патишта.

OhridNews