Хоте ќе се гради во месноста Гоирица, на 50 метри од езерото, на локацијата на која се наоѓаат поранешниот ресторан и дискотека Парк, која, како и објектите, се во приватна сопственост. Ова денеска на пресконференција го истакна градоначалникот на Охрид Константин Георгиески, посочувајќи дека целокупната постапка почнала во 2009 година, а завршила во 2018 и истата се одвивала согласно законите.
Локалната планска документација е усвоена од Советот на Општина Охрид во ноември 2009 година. Врз основа на изготвеното урбанистичко решение издадено е правосилно одобрение за градење, што предвидува инвеститорот да ја отстрани постоечката градба. Согласно правосилното одобрение од 2018 година на предметната локација ќе се гради хотел со три ката и потпокрив до венец вокок 13,5 метри, рече Георгиески.

Локацијата е во трета зона каде е предвидена изградба на три ката со 40 % искористеност на земјиштето.
Од правен аспект нема ништо спорно. За објектот платени се комуналии во износ од 47 милиони денари. Единствено спорен е потпокривот. – додаде Георгиески.
Одговарајќи на новинарско прашање дека на локацијата има градби со наградувани архитектонски решенија, градоначалникот на Охрид рече дека доколку државата сакала да ги заштити тоа требало да го направи многу порано и оти сега не може ништо да се стори, затоа што тие се приватна сопственост, а сопственикот ги има сите потребни документи за градба на посочената локација.
Г.М.












