Според податоците од Центарот за јавно здравје, 90 % од анализираните примероци од водата биле од прва класа, а од втора 10 % од примероците.
Опасност од органско загадување, постои во крејбрежниот дел на езерото од објекти-домаќинства кои не се зафатени со колекторскиот систем за пречистување на отпадните води и тоа на потегот од црквата „Св.Софија” до „Сараиште”, од село “Пештани” до “Св.Наум”, како и кај вливот на реката Велгошка и од Струга до селото Радожда.
Подобрување на квалитетот на водата се бележи кај земените примероци за анализа од водата од реките што се вливаат во Охридското езеро- Коселска, Сатеска и Велгошка.
– Според резултатите добиени од физичко-хемиската и микробиолошка анализа и Уредбата за класификација на водите, констатирано е дека анализираните примероци на вода од трите реки припаѓале на втора класа, информираат од Центарот за јавно здравје.
Како што објаснуваат од центарот, подобрувањето на квалитетот на водата во трите реки, споредено со истиот период минатите години, се должи на обилните врнежи од дожд и зголеменото количество на вода во водотеците,што придонело кон разредување на концентрацијата на загадувачките органски материи кои трите реки го носат со себе.
Според Уредбата за класификација на водите, трите реки што се вливаат во Охридското езеро мора да припаѓаат на води од прва или втора класа.