– Кај плажата Грашница и кај Подмоље во земените примероци од водата пронајдени се и поголеми количества на амоњак и нитрити. Од извршениот увид кај Грашница констатиран е поголем оттек на фекална вода од колекторските цевки, што во континуитет се влева во езерото. Истото е забележано и кај Подмоље. Сепак, огромно е количеството на вода во езерото и поради тоа доаѓа до разредување на водата и ваквото загадување нема поголемо влијание на поширокиот крајбрежен појас. Со смирување на врнежите и опаѓање на нивото на водата се надеваме дека надлежните ќе преземат мерки за да се санираат овие проблеми кај испусните станици, вели Сашо Точков, специјалист по санитарна хемија и броматологија во Центарот за јавно здравје.
Точков потенцира дека редовно се вршат контроли и се проверува и состојбата на квалитетот на водата за пиење во охридската, струшката и дебарската водоводна мрежа.
Испитувањата покажале дека во последните месеци се забележани одредени аномалии во однос на матноста на водата, особено во селските средини, но и во дел од градските водоводи.
– Тоа може да е последица на поголемото количество вода која навлегла во резервоарите, во базените од каде се снабдуваме со вода, но сите други индикатори и микробиолошки и хемиски покажале дека водата за пиење е здравстевно безбедна и квалитетна за пиење. Полош квалитет и поголема концентрација на бактерии е забележана во водата во селските водоводи, пред се во Дебрца и струшко. Тоа е проблем кој се провлекува подолг период поради нередовно дезинфицирање на водата, недостаток на хлор или пак поради недоволна организираност на надлежните кои стопанисуваат со селските водоводи, нагласува Точков.
Од месец јануари годинава, Лабораториите на Центарот за јавно здравје за испитување на квалитетот на сите води се акредитирани по стандардот 17025 со соодветно решение добиено од Институтот за акредијатицја на РМ.