Државната изборна комисија (ДИК) подготви упатство за гласање на овие локални избори, пренесува „Макфакс“. Гласањето се врши лично, на гласачките места во Република Македонија. Избирачкиот одбор на избирачот му го објаснува начинот на гласањето и му се овозможува да гласа.

„За важечко гласачко ливче гласачите треба со сино хемиско пенкало да го заокружат редниот број пред кандидатот за кој гласаат. Ливчиња на кои кандидатите се заокружени со пенкало во друга боја или фломастер ќе се сметаат за неважечки. Гласачките места ќе бидат опремени со пенкала, но на гласачите ќе им биде дозволено да гласаат и со свои пенкала за кои е битно да бидат со сино мастило“, објасни Љупка Гугуческа, советник во ДИК.

Избирачот може само еднаш да се појави на гласачкото место за остварување на своето избирачко право. Секој избирач добива две гласачки ливчиња. Едно за избор на членови на Совет и уште едно за избор на градоначалник.

Избирачите во Скопје, пак, ќе добијат четири гласачки ливчиња. Тие ќе избираат членови на Совет на Општината во која живеат, градоначалник на Општината, а ќе добијат и ливчиња за избор на членови на Совет на Скопје и за избор на градоначалник на Скопје.

На гласачкото место секој избирач треба да дојде со важечки документи за идентификација, односно лична карта или пасош. Следи проверка со УВ ламба, а потоа проверка и потпишување во изводот од Избирачкиот список. Гласачкото ливче се откинува од кочанот на блокот по нумерички распоред, му се става печат на предната страна и потоа му се дава на избирачот. Гласањето се врши тајно, зад параван, а пред избирачот да отиде зад параванот член на избирачкиот одбор го прска со спреј по десниот палец.

За важечко ливче, избирачот треба да го заокружи редниот број пред името и презимето на кандидатот за градоначалник, а за членови на Совет треба да го заокружи редниот број пред подносителот на листата за која се определил.

Преклопеното гласачко ливче избирачот е должен да го става во соодветно обележаната кутија за гласање.

Гласањето за друго лице е забрането, освен ако избирачот има физички недостаток или е неписмен. Во такви случаи избирачот има право со себе да доведе лице кое ќе му помогне при гласањето. Ако избирачот не доведе со себе не доведе лице кое ќе му помогне при гласањето, тогаш Избирачкиот одбор ќе определи друго лице од редот на избирачите. Лицето кое ќе му помага не смее да биде од редот на членовите на избирачкиот одбор, од претставниците на подносителите на листите или од редот на набљудувачите. Лицето не смее да влијае врз одлуката на избирачот, а при гласањето може да помогне најмногу на двајца избирачи кои се со физички недостаток или се неписмени. Овој начин на гласање се забележува во записникот број 16.

Заради обезбедување на тајноста на гласањето, на денот на гласањето на гласачките места, овластените претставници на подносителите на листите, овластените набљудувачи, членовите на изборните органи и избирачите не смеат да користат мобилни апарати, фотоапарати и други средства за снимање на изборниот материјал и на избирачите кога гласаат.

ДИК ги охрабрува сите граѓани на кои ќе им биде скратено или прекршено некои од гласачките права, да понесе приговор.

„За понесување приговори граѓаните може да се обратат кај општинските изборни комисии кои ќе имаат обрасци за поднесување приговори“, рече Гугуческа.

Приговорот треба да биде поднесен во рок од четири 24 часа, а ДИК има обврска да одговори на приговорот во рок од 4 часа по неговиот прием. Против одлуката на ДИК може да се поднесе приговор до Управниот суд, во рок од 24 часа по приемот на решението.

Гласањето денеска почна во 7 часот, а гласачките места ќе бидат затворени во 19 часот.

OheridNews