Одбележувањето на големиот православен празник Богојавление – Водици во Охрид, оваа година, ќе биде снимено од филмска екипа од Романија која ќе ја предводи младиот охридски режисер Илија Пиперкоски.

Романската екипа во Охрид ќе допатува деновиве и веднаш ќе започне со снимање на филмот кој ќе говори за традицијата и обичаите поврзани со празникот Водици, кон кој во овој град постои посебен култ.

– Се обидував и претходните години да донесам филмска екипа и да ја снимам оваа убава традиција, ама моите ангажмани не ми го дозволуваа тоа. А, со оглед на фактот дека сум охриѓанец и уште како мало дете се капам кога се фрла светиот крст во Охридското Езеро, чувствував обврска и должност еден ден да го снимам овој настан на мој начин и конечно тој момент е сега, изјави за Оhridnews, режисерот Илија Пиперкоски.

Тој открива дека филмот ќе ја раскажува многугодишната традиција преку лицето кое ќе го фати чесниот крст.

Се планира филмот за Водици 2010 во Охрид да учествува на повеќе фестивали во светот.

Г. Момироски