Водостојот на Охридскот Езеро и реките во неговиот слив и натаму е висок. Обилните врнежи од дожд и топењето на снегот го зголемија водостојот на реката Грашница, која се заканува да се излее во пониските делови.
Со изградбата на коритото покрај улицата „Ариф Мустафа“, се реши долгорочно проблемот со реката Грашница која редовно предизвикуваше поплави во овој дел од градот. Но и натаму останува проблемот по течението на реката од другата страна на булеварот „Туристичка“, каде покрај високиот водостој дополнителен проблем претставува и неисчистеното корито.
Едно од решенијата за реката Грашница, според стручната јавност, е пренасочување во Далјан, за што постои и проект изработен во 80-те години од минатиот век. Друго решение е проширување и уредување на коритото на Грашница по целиот нејзин тек во населените места, со изградба на кеј и рекреативна патека покрај неа.
Реката Грашница, е меѓу најголемите загадувачи на Охридското Езеро. Во неа се влеваат непречистени води од домаќинствата кои се уште не е се приклучени ка канализациониот систем, меѓу кои и цели станбени згради.