На плоштадот кај стариот чинар во Охрид вечерева со почеток во 19.00 часот ќе се одржи промотивен концерт на Воениот оркестар на АРМ. На концертот на Воениот оркестар ќе присуствуваат: Државниот секретар во МО Сашо Стефаноски, пратеници во Собранието на Република Македонија од градот Охрид, Градоначалникот на Охрид Никола Бакрачески, Претседателот на советот на општина Охрид со советници од општината, претставници на МО и ГШ на АРМ и други гости.

На концертот ќе му претходи дефиле на Воениот оркестар со припадниците на баталјонот за почести, кои ќе се движат од пристаништето преку чаршијата во Охрид до местото на одржување на концертот. На почетокот, гардистите на АРМ ќе ја изведат точката ,,ЕГЗИРЦИР“ со која ќе демонстрираат вештини и строева извежбаност во работа со пушка. Воениот оркестар во траење од околу еден час ќе изведе репертоар од повеќе нумери на познати светски автори, обработени за оркестарска изведба, а кои се атрактивни за различни генерации на слушатели.

Со промотивниот концерт на Воениот оркестар во Охрид продолжува проектот за соработка на АРМ со локалната самоуправа во Република Македонија, чија цел е јакнење на цивилно-воената соработка и приближување на Армијата до граѓаните. Проектот се реализира со поддршка на локалната самоуправа и нуди одлична можност за дружење на граѓаните со Армијата и во градовите каде АРМ нема свои касарни и гарнизони.

OhridNews