Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов, денеска во Охрид оствари средба со Курт Вокер, Извршен директор на Мекејн Институтот за меѓународно лидерство, поранешен амбасадор на САД во НАТО и поранешен заменик помошник државен секретар на САД.


На средбата станало збор и за билатералните односи и стратешкото партнерство помеѓу Република Македонија и Соединетите Американски Држави. Притоа претседателот Иванов нагласил дека Македонија останува на курсот на НАТО и ЕУ интеграциите, во што улогата на САД како партнер, сојузник и поддржувач, е високо ценета.

-Блокадата на патот кон реализација на стратешките цели е неодржлива и потребно е Грција да се поттикне да направи конструктивен исчекор, заклучија соговорниците, информираат од кабинетот на претседатело.Вокер, кој важи за посветен поддржувач на напорите на РМ за полноправно членство во НАТО, посочи дека по одлуката на Меѓународниот суд на правдата, не постои ниту една причина зошто САД, Европа и НАТО да не вложат сериозни заложби Македонија да биде примена во Алијансата врз основа на таа одлука, стои во соопштението.

Двајцата соговорници разговарале и за состојбите во регионот и регионалните иницијативи за соработка.

Претседателот Иванов изразил благодарност за прифатената покана од страна на Вокер, да биде еден од клучните предавачи на Школата за млади лидери, која трета година по ред се одржува под негово покровителство.

Вокер ја поздравил иницијативата на Претседателот. Двајцата соговорници разговарале и за можноста за соработка помеѓу Школата за млади лидери и Мекејн Институтот за меѓународно лидерство, како и за потребата ваквата иницијатива да прерасне во регионална.

Претседателот Иванов посочил дека нашиот регион има потреба од создавање и подготовка на идни лидери, и тоа не само во политиката, туку лидери во сите сфери на општествено делување – економијата, екологијата, културата. Лидери кои својата визија за иднината ќе ја засноваат на позитивните вредности, одговорноста и креативноста, и ќе ја насочат својата енергија кон подобрување на општите состојби, напредок и соработка.

OhridNews