Верниците и почитувачите на духовното и културното наследство денеска ќе се соберат во село Волино, каде свечено ќе биде одбележан големиот јубилеј – 100 години од осветувањето на храмот „Пресвета Богородица“ (1926–2026).

Свеченоста ја организира храмот „Пресвета Богородица“ – Волино при Македонската православна црква – Охридска архиепископија, по повод еден век од осветувањето на ова значајно православно светилиште, кое претставува духовен и културен симбол на селото, за општината Дебрца и поширокиот регион.

Програмата започнува во 9 часо* со свечен пречек на Неговото Високопреосвештенство, митрополитот Дебарско-кичевски г. Георгиј, по што ќе биде отслужена Света архиерејска божествена литургија. Се очекува на прославата да присуствуваат голем број верници од Дебрца, Охрид и други делови на земјата.

По завршувањето на богослужбата е предвидена заедничка трпеза и дружење за сите присутни, со што ќе биде заокружено одбележувањето на значајниот јубилеј.

Од храмот упатуваат покана до сите верници и добронамерници да бидат дел од прославата и заеднички да го одбележат вековниот јубилеј на црквата, која веќе сто години претставува место на духовно собирање, вера и традиција за генерации жители на Волино и целиот регион.

OhridNews