Системското решение на деценискиот проблем со бездомните кучиња во Охрид, се’ уште не е на повидок. Во очекување да се реализираат дадените ветувања од властите, кои најавија сериозни чекори во тој правец во новата година, битката продолжуваат да ја водат неколкумина волонтери, кои им помагаат на беспомошните животни да бидат вдомени, а со тоа и на локалната заедница. Помалку кучиња на улица, помалку опасност од несакани последици.

Младите сограѓани Анастазија Димзовска и Владимир Божинов, го формираа здружението „Ohrid strays“, кое во 2019 година вдоми над 100 кучиња и мачиња. Од нив 75 во странство (Холандија, Германија, Словачка, Албанија, Финска, Англија, САД, Белгија, Швајцарија)! Овие волонтери стерилизираа и триесетина бездомни животни.

-Со нашето делување остваривме многу контакти со луѓе од странство и главно помошта ни е од таму. Во иднина планираме на дојдеме до наше место каде би се обиделе да изградиме стационар за згрижување на бездомни животни. – изјавија младите волонтери.

Анастазија и Владимир се вистински пример за заедницата и надеж дека институциите конечно ќе се разбудат и ќе ги забрзаат процедурите за изнаоѓање системско решение за проблемот со бездомните кучиња. До тогаш останува надежта дека ентузијазмот ќе ги држи на Анастазија и Владимир и нема да се откажат од хуманата мисија, како што тоа многу пати се случува во нашето општество кое се’ уште нема доволно сенс за луѓето кои несебично се посветуваат на цели од кои бенефит има целокупната заедница.

Г.М.