Народниот театар Охрид вчеравечер ја отвори драмската програма на фестивалот „Охридско лето“ со премиерата „Секс, лаги и љубомора“ од Марк Камолети, во режија на Коле Ангеловски.
Професионалните актери Стрезо Стаматовски, Никола Тодороски, Адријана Билаловиќ –Тодороска, Елизабета Стефановска,Билјана Билаловиќ – Вељаноска и Марија Новак покажаа извонредна игра и не го криеја задоволството што работеа со еден од најголемите и најгледани македонски режисери, Коле Ангеловски.
Тие на сцената во Центарот за култура „Григор Прличев“ донесоа претстава за љубовта, прељубата, за вербата и надежта, за ведрата страна на животот, за малите искри во секој човек.
Чест и задоволство е да се работи со еден од корените на македонскиот театар и македонскиот филм, коренот којшто има име и презиме, Коле Ангеловски. Поминавме еден прекрасен процес и можам да кажам дека воопшто не го ни почувствувавме како процес, како товар или оптоварување. Одлична адаптација на текстот направена од страна на Коле, истакна актерот Стрезо Стаматовски.

Само што ќе се спомне името на овој режисер и актер, различни генерации на луѓе се свесни за кој тип на уметник станува збор. На наше задоволство, имавме чест да работиме со човек којшто има неверојатно искуство и се надевам дека тоа се забележа и на премиерата. Можам да кажам дека ова беше еден од ретките процеси на создавање театарска претстава кој заврши дури пред време. Се надевам дека и натаму ќе имаме соработка со ваков тип режисери, рече актерот Никола Тодоровски.

Публиката на претставата не престана да се смее и да аплаудира, сите беа среќни и задоволни, а за мене беше чест да работам со таков добар ансамбл како што е Охридскиот народен театар. Сите глумци беа одлични. Многу лесно ја создадовме претставата. Уште пред да дојдам, сите глумци го имаа прочитано текстот и веќе беа подготвени. За 15 дена ја направивме претставата, а потоа само се шегувавме и се смеевме, вели Ангеловски.

OhridNews












