Градоначалникот Кирил Пецаков денеска оствари средба со амбасадорот на Австрија во Република Македонија, Мартин Памер.

На средбата на која присуствуваа и претставници на Противпожарната единица од Охрид се разговараше за можноста за воспоставување на соработка, во делот на противпожарната заштита. Особено беше потенцирана потребата од активна волонтерска служба за противпожарна заштита, која треба да биде соодветно опремена за делување при поголеми пожари на отворено. Исто така, стана збор и за можни проекти кои би обезбедиле дополнителна опрема и обуки за противпожарната единица во Охрид, информираат од Општина Охрид.

Во рамки на денешната посета, австриската делегација имаше средба и со вработените во ТППЕ Охрид, каде гостите имаа можност да се запознаат со техничката опременост, капацитетите и ресурсите со кои располага противпожарната единица. Беше остварена посета и на просториите кои ги користи доброволно противпожарно друштво „Ентузијаст“, додаваат од Општина Охрид.
Инаку, членовите на оваа волонтерската организација во текот на изминатиот период беа дел од многу значајни теренски интервенции за гаснење на пожари во Охридскиот регион.
OhridNews











