Дваесет и четири часовна контрола на превозот на патници и стока на границите  ќе се овозможи преку надградениот Едношалтерски систем за дозволи за увоз, извоз и транзит на стоки и тарифни квоти со кој електронски се поврзаа Министерството за транспорт и врски и Царинската управа.

Воведувањето на системот, од први октомври, ќе значи дополнителен удар за нелојалната конкуренција и заштеда на потребното време за контроли на превозниците, нагласи министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески  на денешната прес-конференција со директорот на Царинската управа Ванчо Каргов.

Според Јанакиески, со системот ќе се постигне целосна евиденција за вршење на превозот на стока и од домашните и од странските превозници и ќе се намали нелегалниот превоз. Ќе има и целосна евиденција и контрола на сите видови превоз на патници и ќе се сузбие злоупотребата на користењето на дозволите за превоз.

Јанакиески појасни дека со системот за евиденција на превозот на стоки и патници преку граничните премини  цариниците ќе  проверуваат дали превозникот поседува соодветни и валидни документи за превозот, го идентификуваат видот на превозот и проверуваат дали превозникот го врши превозот во согласност со приложените документи за соодветниот вид превоз, извод од лиценца со кој е вршен превозот, број на сертификатот за учество на возачот во меѓународниот патен сообраќај, бројот на дозвола за соодветниот вид на превоз за стока што се врши. По проверката, цариникот електронски го евидентира превозот и тоа на влез или излез при првото и при второто преминување на возилото преку граничниот премин на  Македонија, во зависност од релацијата на превозот. Евиденцијата се врши врз основа на приложената документација преку Модулот за транспортни дозволи на Информацискиот систем за обработка на податоци во електронски облик и електронски потпис при постапките на увоз, извоз и транзит (EXIM).

По евиденцијата, царинскиот службеник е должен во приложената документација да ја завери дозволата за превоз или патниот лист. Доколку  утврди дека превозникот не поседува дозвола и други потребни документи и оти превозот не го врши во согласност со приложената документација треба да забрани влез односно излез на возилото во или од Македонија. За тоа веднаш треба да ги извести Секторот за царински систем, Одделението за нетарифни мерки и Државниот инспекторат за транспорт. Надлежните институции веднаш ќе треба да добијат информација и доколку утврдат други неправилности во постапката при вршење на меѓународниот превоз на патници.

Министерството за транспорт и врски во пилот фаза  од почетокот на месецов се приклучи кон EXIM системот, со што стана 12 државна институција  за електронско издавање  увозно извозни дозволи. Преку EXIM системот кој функционира од  2008 година, лани се издадени 72.000 дозволи, а од почетокот на годинава досега се издадени  48.000 дозволи.

OhridNews