На Одделението за гинекологија и акушерство при ЈЗУ Општа Болница Охрид воведени се хистероскопски интервенции со употреба на нов, најсовремен хистероскопски апарат. Ваков тип на процедура е извршена за прв пат во Охрид и во околниот регион, информира директорот на болницата спец. гинеколог и акушер д-р Горан Маркоски.
Оваа значајна набавка претставува голем чекор напред во унапредувањето на гинеколошката здравствена грижа во нашата општина и регионот кој што го опслужуваме. Со оваа современа и софистицирана метода овозможуваме минимално инвазивна дијагностика и третман, побрзо и побезболно закрепнување, прецизност во откривање и отстранување на туморски формации и септуми во матката и услуги кои досега не биле достапни во Охрид, потенцира д-р Маркоски.
Воедно, вели, горд е што тимот од ова одделение од каде што и самиот доаѓа, започнува да работи со нови методи кои за прв пат се воведуваат во болницата.
На пациентките им се овозможува поквалитетна и побрза здравствена услуга – дома во својата општина, без потреба од упатување во други здравствени центри. Исто сакам да го истакнам и економскиот аспект и оптоварување од кое ќе бидат ослободени нашите пациентки, кои што за ваков тип на интервенции одвојуваа големи средства по приватните болници или пак беа дел од долги листи на чекање во терциерните здраствени установи, а сега истите ќе им бидат достапни само по основ на платена партиципација, вели д-р Маркоски.
Додава дека продолжуваат со вложување во модернизација на здравството и здравствените услуги и подобра грижа за пациентите.
OhridNews












