Патнички воз налетал и убил пет слонови од диво стадо кое ја минувало железничката пруга на истокот од Индија, соопштиле од индиската железница. Портпаролот на индиската железница потврдил дека возот, во неделата рано наутро, удрил слонови во шумската област Рамбана, околу 180 километри јужно од Бубанешвар, локалната престолнина на индиската сојузна држава Ориса, пренеле агенциите.
Десетици слонови усмртиле возовите во Индија во последниве неколку години додека ја преминувале пругата, бидејќи железницата често минувала низ индиските национални паркови и шуми, каде според проценките живеат околу 26 илјади слонови. Главниот надзорник на одделението за заштита на дивата флора и фауна на Индија ја обвинил управата на железницата дека го игнорирале предупредувањето  на неговата служба дека возовите би морале да возат побавно бидејќи биле забележани диви стада слонови во деловите каде минувала пругата. Од железницата, пак, рекле дека не биле на време предупредени.