Податоците од црната статистика и искуствата од минатите години покажуваат дека за време на празници, продолжени викенди и одмори, значително се зголемува интензитетот на сообраќајот, а паралелно со тоа се зголемува и бројот на сообраќајни незгоди. Речиси и да нема продолжен викенд или празник во кој не се случува сообраќајна незгода со поголем број на повредени и загинати лица. Една од причините за оваа фатална состојба за време на празници и продолжени викенди е токму фактот што во овие денови значително се зголемува бројот на возачи кои управуваат моторно возило под дејство на алкохол.
Во пресрет на празничните денови, Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата ги потсетува возачите дека возењето под дејство на алкохол е надвор од хуманите и цивилизациските вредности на современото општество.
Секој возач треба да знае дека алкохолот сериозно ги намалува возачките вештини, ги нарушува психомоторните способности и ја намалува способноста на возачот за брзо и ефикасно дејствување во случај на непредвидени ситуации и закани во сообраќајот. Возачката дозвола и управувањето со моторно возило е доверена одговорност од семејството и од општеството и согласно тоа, секое совесно лице, секој совесен возач, треба да знае дека под дејство на алкохол не смее ниту да започне да управува со возилото, потенцираат од советот.
Според ЗБСП, дозволено количество на алкохол во крвта кај возачите изнесува 0,5 г/кг. Кај професионалните возачи и возачите почетници, не е дозволено никакво количество на алкохол во крвта. Глобата за непочитување на ова законска обврска изнесува од 225 до 375 евра во денарска противвредност. Покрај тоа, полицискиот службеник на самото место привремено ќе му ја одземе возачката дозвола и ќе го исклучи од сообраќај возачот за кого ќе утврди дека е под дејство на алкохол.
OhridNews