Проблемот со бесплатен паркинг простор во централното градско подрачје и тоа како го чувствуваат граѓаните кои живеат на пресекот на охридските улици „Партизанска“ и „Кузман Јосифоски Питу“.
Жителите од зградата која се наоѓа од левата страна веднаш после Универзитетот за информатички технологии и науки „Св. Апостол Павле“, уште пред неколку месеци поставија рампа со цел да се спречи злоупотребата на возачите кои своите автомобили ги оставаат на паркинг просторот наменет за станарите.
Но како што велат жителите од околните згради, и покрај поставувањето на ваква опрема, граѓани со своите возила насилно влегуваат и ги оставаат автомобилите на паркингот наменет за станарите.
„Мислевме дека проблемот ќе биде решен со поставувањето на рампа од двете страни на нашата зграда. Но се уште постојат несовесни возачи кои ја оштетуваат опремата, само за да паркираат бесплатно.“ – велат станарите од овој дел на градот.
Тие потенцираат дека овој проблем се влече со години наназад, а деновиве на самиот влез од зградата е поставена табла кој ги предупредува возачите насилно да не влегуваат на паркиг-просторот.
„Ве молиме да не го нарушувате мирот и приватноста на имотот на станарите. За инцидентно(насилно) влегување со возила се наплатува лежарина во висина од 600 денари на ден.“ – стои на таблата.
Со сличен проблем се соочуваат и жителите од улицата „Ванчо Николески“ која се наоѓа во близина на полигонот за мали спортови, чиј паркинг простор наменет за станарите се наоѓа од задната страна на зградите.
„Кај нас се уште не е поставена рампа од двата приоди кон паркинг просторот. Така во текот на летниот период се соочуваме со блокиран паркинг, а нашите возила немаме каде да ги оставиме. Дури и улиците со кои е поврзана нашата зграда е преплавена од возила.“ – велат жителите од зградите на „Ванчо Николески“.
Според станарите од централното градско подрачје, проблемот е највпечатлив за време на туристичката сезона, кога градот е посетен од голем број турсти, кои своите возила ги оставаат пред нивните згради.
O.T.