Кутре старо неколку месеци е најнова жртва на труење во Охрид, информираат од Здружението за заштита на животни „Анималија“. Настанот се случил денеска во близина на средното угостителско училиште. Волонтерите од „Анималија“ веднаш откако биле алармирани се упатиле на местото на настанот, но и покрај напорите не успеале да го спасат животот на малото кученце.
„Кога во една земја нема институции, ова е епилогот! Којзнае кое кученце по ред кое в раце ни умира затоа што некој не сака ред да стави на продажбата на отрови, кои и преку храна (пестициди и хербициди) ги внесуваме! Затоа што некој законите ги носи само за да ги крши, место да ги исполнува должностите кои истите ги налагаат! Пробавме, не успеавме, свитка главче после 20 минутна битка за живот. Доколку некој од граѓаните порано реагираше и го однесеше на ветеринар, ќе беше живо и понатаму.“-велат од „Анималија“.
Од „Анималија“ изразуваат загриженост бидејќи во близина на денешниот инцидент е угостителското училиште и постои голем ризик од отровот да настрада и дете.
„И доколку институциите и понатаму затајуваат, и доколку институциите и понатаму дозволуваат слободно кој сака отров да може да купува, набрзо и на тоа ќе бидеме сведоци!“ – предупредуваат од „Анималија“.
Од здружението посочуваат дека сведоци на немилата сцена биле малолетни девојчиња, кои иако видно вознемирени се обидувале да им помогнат на волонтерите да се спаси отруеното куче.
Инаку, ова не е прв пат на нехуман начин да се убиваат животни во Охрид, што само ја покажува немоќта на општеството и институциите конечно да ја уредат оваа сфера и да овозможат услови за соодветен третман и згрижување на бездомните животни.
Г.М.