Охридските љубители на уметноста имаа несекојдневна можност да ги видат прекрасните природни убавини на Швајцарија во рамки на изложбата „Farbige Sicht“ од охриѓанецот Јован Куциновски, која беше отворена вчеравечер во кафе бар „Шила“ во Охрид.
Изложбата ја сочинуваа 23 фотографии на кои можеа да се разгледаат впечатливи и живописни пејзажи кои биле направени на повеќе локации во кантонот Граубинден во Алпската област на Швајцарија.
Авторот на изложбата вели дека фотографиите биле направени спонтано и без намера да бидат изложени.
-Иницијатор на изложбата е Саша Шоторовски од Скопје, кој откако ги виде фотографиите ми предложи да направиме една изложбена поставка од нив, која ќе можат да ја видат сите љубители на фотографијата. Инаку идејата и иницијалната каписла за фотографирањето на овие пејзажи е едно детско сеќавање од канцеларијата на мојата мајка, каде што на шакафот имаше залепено еден постер со пејзаж од Женева со црква и со езеро. Кога појдов во Швајцарија, целото опкружување ме потсети на тој постер и ме инспирираше да фотографирам пејзажи кои ќе личат на тоа детско сеќавање, изјави Јован Куциновски.
Тој на изложбата гледа како на убав повод за дружење со луѓето кои му се драги и како можност да слушне различни мислења за неговата фотографска работа.
-Сакам да ги слушнам позитивните мислења, но сакам да слушнам и некои искрени негативни критики, кои со задоволство ќе ги прифатам. Оваа изложба ќе биде еден мотив за мојата понатамошна фотографска работа и мотив да работам и за некои други изложбени поставки со поинаква тематика, кои би биле изложени во иднина, вели Куциновски.
Инаку Куциновски се занимава со професионална фотографија околу шест години, а љубовта кон фотографирањето ја негува уште од средношколските денови.
Изложбената поставка „Farbige Sicht“ претходно беше претставена и во Скопје.
Е.М