Со богата програма која почнува утре, во Охрид ќе биде одбележан Денот на Охридското Езеро – 21 Јуни.
Настаните почнуваат на 20 јуни, петок, со изложба на фотографии од Охридското Езеро и настап на Даниел Јовески, што ќе се одржи во рамки на фестивалот „Balkan Music Square“ кој по мала пауза повторно се враќа на сцената во Охрид. Нстанот ќе се одржи на плоштадот Долна Порта со почеток во 13 часот.
На Денот на Езерото, 21 Јуни, предвидени се дузина настани. Во 10 часот кај споменикот Фаќач на крст ќе се одржи презентација на нуркачка опрема, а во 13 часот на плажите Канео и Лабино ќе се одржи еко акција „Супер чистка“.
Утрото на плажата К’ј Дивоно ќе се одржи дефиле на едрилици, а во градската библиотека во 10 часот ќе има поетско читање на поети од Охрид, Струга и Поградец.
По повод Денот на Езерото ќе се одржи и панел дискусија за климатските промени и едукативна прошетка со брод на водните живеалишта.
Предвидена е прошетка низ Охрид и Струга, како и посета на спомен собата во некогашната охридска касарна.
Настаните ќе бидат заокружени со вториот фестивалски ден на „Balkan Music Square“ со настап на Дамјан Пејчиноски, Николче Милески, Љубојна и гостинката од Албанија Алба Далјани на на плошдатот Долна порта од 13 до 16 часот.
Г.М.