Групата од 40 вработени од охридските јавните претпријатија, „Нискоградба“, „Водовод“, „Градски Гробишта“, „Градски пазар“ и „Охридски комуналец“, којашто ја формира градоначалникот Бакрачески активно се вклучи во санирање на штетите во поплавените подрачја и ќе бидат на ангажирани на терен се додека има потреба од тоа.
Изминатите денови градоначалникот Бакрачески беше во постојана координација и контакти со претставници од владиниот Кризен Штаб, со ресорните министерства и со градоначалникот на град Скопје. По нивните укажувања за потреба од стручни лица формирана е група од пет лица, двајца градежни и еден хидро инженер и двајца архитекти кои ќе бидат на располагање на координативните тела и на владиниот Кризен Штаб.
Инаку, во текот на вчерашниот ден Општина Охрид и Градскиот Совет одлучија да доделат 300. 000 денари финансиска помош за општина Гази Баба која беше една од најоштетените општини во Скопје по невремето. Станува збор за еднократна првична помош, а зависно од потребата, можноста за донирање дополнителни средства ќе се разгледува дополнително.
Градоначалникот Никола Бакрачески и Општина Охрид и наредниов период ќе преземаат мерки за помош на настраданите подрачја. Сите хумани охриѓани може активно да се вклучат во акциите на Црвен Крст, да донираат флаширана вода, конзервирана храна и облека. Во четврток Охрид ќе биде домаќин на хуманитарен концерт на фолк пејачката Елена Велевска и други уметници од македонската естрада.
OhridNews













