Во организација на Заводот за кардиоваскуларни заболувања Охрид и реномираната компанија за медицинска технологии Биотроник од Швајцарија се одржа едукација на лекарите од заводот од областа на електро-стимулацијата. Покрај едукативно предавање од оваа област од страна на експерти од Биотроник, за прв пат во здравството во Охрид се одржа и тренинг курс на симулатори, на кој лекарите од заводот имаа можност да совладаат и научат некои современи вештини и техники од областа на електро-стимулацијата и кардијалниот пејсинг, информираат од Заводот за кардиологија.
Настанот е продолжение на едукативните активности пот типот на „hand on tutoril“ кој со години во разни области на интервентната кардиологија се организираат во оваа болница.
За средината на јуни годинава, од Заводот најавуваат организација на најголемиот едукативен настан од областа на интервентната кардиологија било кога одржан во Република Македонија, на кој учество ќе земат еминентни стручњаци од Германија, Австрија, Бугарија, Романија, Словенија, Србија, Хрватска и Македонија. Целиот настан ќе се емитува во живо директно од катетеризационата лабораторија. а ќе биде под покровителство и со поддршка на Биотроник од Швајцарија.
Со ваквите настани Заводот за кардиоваскуларни заболувања Свети Стефан од Охрид продолжува да одржува високо ниво на едуцираност на лекарите, воведување на нови технологии и процедури, како и продолжување на соработката со други реномирани здравствени установи од Европа, зпотврдувајќи ја лидерската позиција во својата дејност во регионот.













