По повод патрониот празник на охридскиот Електро-машински училишен центар „Св. Наум Охридски“, компанијата „Костал“ Охрид донира вредна опрема составена од сервер, принтер во боја, систем за безжичен интернет, наменета за подобрување на компјутерската мрежа во училиштето.

Како што напоменува генералниот директор на „Костал Македонија“, Виктор Мизо, донацијата е резултат на двегодишната соработка со училиштето што се одвива преку дуалното образование, а која ќе продолжи и во наредниот период.

  • Одлучивме да донираме дел од опрема која во моментов, од различни причини, не ја користиме. Целта е подобрување на едукативните можности за учениците кои се надеваме дека во иднина ќе доаѓаат на обуки кај нас, но и дека добар дел од нив ќе станат и наши идни вработени, изјави директорот на „Костал Македонија“, Виктор Мизо.

Од училиштето велат дека ваквите донации секогаш се добредојдени во насока на подбрување на условите за работа и изведување на наставата.

  • Донираната опрема ќе има голема искористеност, бидејќи ние сме електро-техничко училиште. Ќе се зголеми покриеноста со безжичен сигнал, серверот ќе го користиме во кабинетот по информатика каде би се поврзале поголем број на компјутери, односно работни единици, вели директорот на ЕМУЦ „Св. Наум Охридски“, Сашо Недески. Директорот изрази надеж дека и во наредниот период училиштето ќе добива слични донации со цел да се задоволат потребите од нови компјутери за изведување на наставата со оглед на тоа дека последните се донирани во рамки на проектот „Компјутер за секое дете“, реализиран пред десеттина години.

Од „Костал Македонија“ најавуваат дека успешната соработка со ова стручно училиште ќе продолжи и во текот на наредната година. Како што изјавија; „Ќе има нови донации и награди за најдобрите ученици“.

Т.К.