Со донација на Ротари клуб Охрид обновено е осветлувањето во централниот објект на детската градинка „Јасна Ристеска“. Станува збор за над 600 светилки, во вредност од околу 170.000 денари, кои освен што даваат квалитетна светлина, трошат и многу помалку електрична енергија со што во голема мера се намалуваат трошоците на градинката.
– Сменавме доста расветни тела, сите светилки во објектот, со што придонесовме не само за енергетски ефикасна, туку и безбедна градинка. Претходно ја проверивме инсталацијата, тоа што не беше исправно го сменивме. Од она што го видов во објектите можам да кажам дека децата немаат нормални услови за работа, што се однесува до осветлувањето. Во зависност од буџетот за оваа година, се надевам дека ќе сме во можност истото да го направиме во уште една или две градинки во Охрид, вели претседателот на Ротари клуб Охрид, Сандре Трповски.
Директорката на градинката, Мери Рилкоска, искажа голема благодарност за донацијата на Ротари клубот, нагласувајќи дека со новата инсталација и осветлување во голема мера се подобруваат условите за престој и работа со децата.
– Во однос на објектите од градинката нема некои други поголеми проблеми, речиси сите објекти се реновирани. Има проблем со котелот во градинката „Развигорче“, но во скоро време ќе биде саниран. Се надевам дека и во наредниот период со помош на слични донации уште повеќе ќе се подобрат условите за работа во градинката, вели Рилкоска.
Деновиве во Охрид се одржува и годишната конвенција на Ротари клубот на која присуствуваат и членовите на збратимениот Ротари клуб од Словенија.
– Задоволни сме од она што го гледаме. Охридскиот клуб иако е многу помлад од нашиот, бидејќи ние постоиме 25 години, има доста направено и ние се гордееме со нив, вели претседателот на Ротари клуб Пиран, Војко Старовиќ.
Ова не е прва донација на Ротари клубот за најмладите. Во 2014 година беше донирана вредна донација во вид на опрема во вредност од 40.000 евра за детското одделение при Општата болница во Охрид, а клубот постојано поддржува низа активности кои се однесуваат на развојот и здравјето на децата.
OhridNews











