Во кругот на црквата Св. Никола во струшкото село Враништа, денеска, беше отворена музејска поставка со вредни артефакти пронајдени при археолошките истражувања во овој регион, како и икони и други експонати од богатото културно наследство на народот кој на овие простори во континуитет живее илјади години.

Реализацијата на проектот ја поддржаа Министерството за култура и Музејот „Д-р Никола Незлобински“ Струга, од чие депо се изложените експонати на поставката во Враништа, која ќе биде постојана.

-Изложените предмети се пронајдени на локлитетот Црковни ливади каде изминатите години имаше интензивни ископувања. Тука има археолошки материјал од неолитот, од младото камено доба кога на овие простори имало речна наколна населба што е реткост, како и предмети од камена пластика кои потекнуваат од ранохристијанската базилика кај Враништа, која поинтензивно ќе се истражува во наредниот период. Итсо така изложени се и средновековни предмети од цеквата Св. Никола во Враништа, икони од 16, 17 век, како и од периодот на преродбата, што укажува на долг континуитет на опстојување на Враништа низ историјата.-изјави Сашо Цветкоски, директор на Музејот „Д-р Никола Незлобински“ во Струга.

Освен оригинални предмети на паноа е изложена и истoријата за Враништа од неолитот до преродбата. 

Поставката за која ќе се грижи локалниот црковен одбор, ќе биде постојана. За таа цел во објектот во кој се изложени вредните музејски експонати инталиран е систем за заштита. Отец Ристе Наумоски, од црквата Св. Никола, истакна дека со отворање на музејот ќе се заштити културното наследство од Враништа, кое во минатото често беше на мета на крадците.

На свеченоста по повод отворањето на музејот во Враништа присуствуваа бројни гости и претставници на институции, меѓу кои и митрополитот Дебарско – кичевски г. Тимотеј. Тој истакна дека изложените експонати сведочат дека на ова поднебје живеел народ кој што знаел да сочува вредности кои што денеска се презентираат не само пред македонската јавност туку пред сите љубители на културата и уметноста.

OhridNews