Се пoизвесно е дека Охридскиот регион, единственото подрачје во државата под заштита на УНЕСКО, може да заврши на листата на светски наследства во опасност. Извештајот за напредокот по однос на забелешките на Реактивната мисија на УНЕСКО од 2017, што Комитетот за светско наследство ги реафирмираше пред година и половина на состанокот во Баку, Азербејџан, е готов и ќе биде презентиран на почетокот од идната година.
Невладиниот сектор вклучен во процесот, смета дека Охридскиот регион треба да биде преместен на листата на светско наследство во опасност, затоа што, дефакто припаѓа таму, поради степенот на уништување и поради игнорантскиот лежерен, и ноншалантен однос на македонските власти. Оние, пак, кои се одговорни за неспроведувањето на препораките, за непочитувањето на законите мора да сносат одговорност, вели во изјава за медиумите активистот Драгана Велковска од „Охрид SOS“.
Наместо македонските власти да се зафатат со максимално спроведување на препораките, тие го губеа времето во лажирање. Со години наназад манипулираа и упорно ги криеја податоците за вистинскот степен на уништување на единственото светско наследство кое Македонија го има. Наводното справување со дивоградбите беше политичка одлука, тактичко однесување пред избори. – посочува Велковска.

Прашањето е сега дали Охрид кој ќе остане запишан на листата на УНЕСКО, ќе биде ставен на таа листа за подрачја во опасност, што значи дека ние поажурно ќе мора да пристапиме кон решавање на проблемите. – изјави Георгиески.

Доцниме со стратешката еваулација за влијанието на животната средина на бесправните објекти, доцниме со отстранувањето на бесправните објекти, бидејки тоа е еден од најкомплицираните, скапи и најсложени процеси. Доцниме и со решавањето на депонијата Буково, како и со носењето на урбанистичките планови. Сето тоа ќе биде нотирано во извештајот. – истакнува Георгиески.

Г.М.













