Тамара Трајковски, Македонка по потекло, е една од најталентираните пливачки на виенскиот пливачки клуб „Австрија“. Висока за своите 11 години, со одлична пловност како што велат стручаците, таа има исклучителен талент кој допрва треба да го преточи во врвни резултати. Дека има потенцијал покажуваат и подобрувањата на личните  резултати ова лето, во одредени дисциплини (грбно) и за цели 15 секунди.


Тамара Трајковски

Тамара активно тренира од 2008 година, а со својот клуб „Австрија“ од Виена редовно се натпреварува во Виенската лига, на државните првенства и на интернационални турнири. На  почетокот најмногу и лежеше „делфин“, а сега најдобрите резултати ги покажува во дисциплината „грбно“. Во оваа дисциплина на Државното првенство на Австрија што се одржа од 28 до 31 јули Тамара во дисциплината 100 и 200 метри во конкуренција на пливачки постари од неа обезбеди пласман во Б финалето.


Александар Маленко и открива дел од тајните на успехот на Тамара

Кусата пауза пред есенската сезона, Тамара летово ја искористи за посета на родниот крај со семејството. Престојуваше и во Охрид каде одржа неколку тренинзи со најдобриот македонски пливач на сите времиња Александар Маленко, како и со уште еден талент со македонски корени, Димитар Камнароски, кој жнее успеси во Холандија.


Младите таленти пред заеднички тренинг: Димитар и Тамара

Есенва Тамара ја очекуваат напорни тренинзи, пет пати неделно, но и обврски на училиште. Покрај пливањето поседува и исклучителен уметнички квалитет, а со огромен напор успева да одговори на сите обврски и да најде време за се.

И покрај големите обврски во школо наоѓам време и за пливачките тренинзи кои исто така се напорни. Го сакам многу пливањето, оваа година настапив на 80 натпревари, но очекувам вистинските резултати да дојдат во годините кои се пред мене, вели младата Тамара.


Времето на Тамара допрва доаѓа

Нови предизвици Тамара ја очекуваат веќе во октомври кога во Виена се одржува традиционалниот„Винер куп“, на кој пливаат најтелентираните пливачи од Австрија и регионот.

Г. Момироски