Намалување на цената на комуналната такса и на цената за закуп на место за поставување урбана опрема, како и различно тарифирање на оваа давачка во лето и зима и воведување на зонско тарифирање, се дел од предлозите кои беа разгледани на средбата помеѓу еснафот на угостителите со градоначалникот и претстатавнници на локалната самоуправа, што се одржа вчера.

– Наша тенденција е да се изнајде едно легитимно решение за проблемите кои ги мачат угостителските субјекти во градот.-изјави по средбата Михаил Мишев, претседател на Еснафот на угостители на град Охрид. Тој додаде дека има слух и разбирање проблемите да се решаваат пофлексибилно и најави нова средба на која ќе се ревидираат сите предлози изнесени на вчерашниот состанок.

Градоначалникот на Охрид, Никола Бакрачески, истакна дека преку непосредни средби најдобро можат да се чујат проблемите на угостителите, посочувајќи дека општината е подготвена отворено да разговара за сите конструктивни предлози. Една од новините, која општината сака да ја воведе од оваа туристичка сезона е намалување на периодот за закуп за поставување урбана опрема.

-До сега најкраток период за кој се издаваше согласност за закуп беше шест месеци. Ние сметаме дека од оваа година треба да внесеме пократок период од три месеци излегувајќи во пресрет на оние угостителски објекти кои работат само пократок период од годината, кои што немаат потреба да работат шест, девет или дванаесет месеци. – истакна Бакрачески.

На средбата стана збор и за Законот за пушење. Притоа градоначалникот истакна дека локалната самоуправа нема ингеренции во оваа област, но е подготвена преку стручните служби да ги сослуша предлозите и забелешките на угостителите. „Како и сите закони и Законот за пушење подлежи на измени па претпоставувам дека на барање на угостителите од цела Република, не само од Охрид, ќе дојде до некои измени кои ќе бидат олеснителни за угостителите“-додаде Бакрачески.

OhridNews