Тензиите на Универзитетот за информатички науки и технологии „Св. Апостол Павле“ во Охрид, не стивнуваат. По двете различни одлуки на универзитетскиот сенат кој на вонредна седница ја разреши ректорската управа и на Државниот просветен инспекторат за поништување на одлуката на сенатот, вчера дошло до жестоки расправии во и надвор од високо образовната установа.
Претседавачот на сенатот, доц. Д-р Рубин Земон, тврди дека до вчера до писарницата на Универзитетот за информатички науки и технологии „Св. Апостол Павле“ не пристигнал никаков допис од страна на Државниот просветен инспекторат. Тој вели дека, вчера биле предизвикани неколку инциденти од страна на оспорените проректори. Како што наведува Земон во дописот испратен до медиумите, неовластено бил присвоен лап топ компјутер од лице вработено во администрацијата, за што била информирана полицијата, а подоцна имало и жестока расправија со странски професор во кафе бар во центарот на градот. Сенатот обвинува и дека имало обид за одземање и уништување на книговодствена евиденција на универзитетот, што било спречено од страна на обезбедувањето.
Сенатот, смета дека ситуацијата во УИНТ е далеку од редовна, бидејќи, како што се наведува во дописот, голем дел од вработените во администрацијата не се наоѓаат на своите работни места.
Претходно, вчера, сенатот информираше дека ќе го почитува решението на Државниот просветен инспекторат за поништување на одлуката за разрешување на ректорот и проректорите на универзитетот, но најави дека истата ќе биде обжалена. Исто така сенатот побара од инспекторатот да се произнесе по претставката за укинување на одлуките за избор на Нинослав Марина во редовен професор и избор во ректор на универзитетот во Охрид.