Есенските дождови го запреа трендот на опаѓање на нивото на Охридското Езеро и ја подобрија неговата кондиција. Последните врнежи го покачија нивото на Езерото и во моментов тоа е 4 сантиметри над минималната кота (693,17 метри надморска височина).
Сепак нивото на Охридското Езеро се’ уште е под просекот за овој период од година, кој според мерењата на Управата за хидрометеоролошки работи изнесува 9 сантиметри над минималната кота.
Според прогнозата на УХМР, во текот на оваа седмица времето во Охрид ќе биде облачно, со интензивни врнежи од дожд, што позитивно ќе влијае на хидролошката состојба на Езерото. Дневната температура ќе биде од 9 до 13 степени, а минималната од 4 до 8 степени.
OhridNews












