Утре во Охрид започнува Меѓународната летна уметничка академија на која околу 50 домашни и странски студенти ќе можат да ги надополнат своите познавања од областа на перформативната и ликовната уметност, дизајнот, музиката, инсталацијата и театарската уметност.

Учесниците ќе имаат можност да слушаат предавања и совети од врвни професори, уметници и актери од земјава, како и од Холандија, Австрија и од Турција.

Летната академија е во организација на Асоцијацијата за меѓународна младинска соработка, а  во соработка со Министерствата за култура и образование и наука, Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ и со Општина Охрид.

Предавања ќе одржат ликовниот уметник Антони Мазневски, претседател на академијата и професор на Факултетот за ликовни уметности и  сликарот Благоја Маневски. Театарската дејност ќе ја застапуваат режисерот Дејан Пројковски и актерот Дејан Лилиќ. Ќе гостува и професорот Али Чан Метин од Универзитетот „Мармара“ од Истанбул, а инсталациска уметност ќе предава Варвара Гуљајева од Австрија. Најавени се професори по музика од Амстердам.

Меѓународната летна уметничка академија ќе биде затворена на 15 август.

OhridNews