Општинa Охрид во 2018 година во рамки на Програмата за развој и поттикнување на туризмот планира од буџетот да издвои 12 милиони денари за развој и промоција на туристичката дејност.

Во рамки на промоцијата на Охрид како туристичка дестинација, се предвидува електронски маркетинг и онлајн промоција на туристичката понуда на Охрид за што од буџетот се планирани 100.000 денари.

Преку оваа активност е предвидено изработка на мобилна апликација преку која сите коирсници ќе имаат можност да се запознаат со туристичката понуда и услуги од Охрид преку преносните уреди (мобилни телефони, таблети и сл). Преку оваа активност ќе се олесни пристапот до туристичките информации за градот Охрид на сите потенцијални корисници, стои во образложението на одлуката, што ја усвои советот на општината на полседната седница во 2017 година.

Исто така планирана е туристичка промоција на Охрид и регионот во странски и домашни печатени и електронски медиуми со буџет од 150.000 денари.

Во 2018 година ќе биде организирана промо-тура „Охрид 2018“, за што градот планира да издвои 300.000 денари.

-Промотивните тури кои беа реализирани изминатите години се покажаа како ефективен и финансиски оправдан облик на непосредна промоција на Охрид како туристичка дестинација, а од друга страна со посетата на туристичките субјекти се остварува директен облик на деловна соработка помеѓу локалните туристички работници со туристичките чинители кои учествуваат во промотивната тура. – се вели во образложенито на одлуката.

Промотивната тура предвидува деловен престој на претставници на туристички организации (агенции, туроператори, авиопревозници) и медиуми од таргетирани странски земји, кои престојуваат во Охрид 3-4 дена, при што се запознаваат со туристичкиот потенцијал на градот и околината и остваруваат повеќе деловни средби со претставници на туристичкиот сектор од Охрид. Целта е да се дефинираат и креираат нови пакет аранжмани за Охрид и воедно да се направат поголем број на промотивни репортажи за градот и околината, информира локалната самоуправа.

Годинава ќе биде организирана и „Охрид Гастро Тура – Ohrid Gastro Tour“.

Оваа активност предвидува гостување на неколку врвни светски готвачи / гастрономи од различни земји со Мишелин ѕвезди кои за време на неколкудневниот престој во Охрид, во различни угостителски локали ќе имаат задача преку готвење со исклучиво домашни – охридски производи, да изнајдат начин за изработка и подготовка на нови специјалитети како и нивно вклучување во менијата на локалните угостители, а со тоа да придонесат во збогатувањето на туристичкиот производ на градот. Воедно преку овој настан ќе биде одржана и обука на локалните готвачи за подготовка на нови типови на храна и збогатување на менијата. За оваа активност предвиден е буџет од 350.000 денари.

Во 2018 година предвидена е меѓународна промоција на туристичкиот потенцијал на Охрид.

Оваа активност опфаќа промоција на туристичкиот потенцијал на Охрид во таргетирани странски земји кои по извршени анализи се покажале како потенцијални туристичко-емитивни подрачја. Директните промоции кои ќе се организираат преку оваа активност, е предвидено да се реализираат во соработка со Амбасадите на РМ во однапред селектирани земји. За оваа намена предвидени се 550.000 денари.

Во рамки на Програмата за развој и поттикнување на туризмот на општина Охрид предвидена е и изработка на Стратегија за развој на туризмот на општина Охрид која содржи активни мерки за подобрување на конкурентноста и услугите во туристичко – уостителскиот сектор, за што ќе бидат издвоени 130.000 ден.

Оваа година приватните станоиздавачи од мал обем ќе бидат субвенционирани со 800.000 денари, а предвидено е и обележување на туристичките места со информативни табли, патокази и друга туристичка сигнализација на одредени локации и објекти на територијата на општина Охрид. Се планира и поставување на „hot spot“ бесплатен интернет на неколку најпосетувани локации во Охрид. За овие цели ќе бидат издвоени 300.000 денари.

Г.М.