Околу 300 лидери од секторот на туризмот, вклучувајќи и 65 претставници од најпознатите светски медиуми и купувачи, како и врвни туристички експерти ќе бидат дел од Меѓународната конференција „Adventure Next Balkan“ што ќе се одржува во Охрид од 10-ти до 12-ти мај 2016 година.

-Главна цел на оваа конференција за туризам е да го прикаже Балканот како регион кој е подготвен за ренесанса во сферата на активниот туризам, но и да се подигне свеста за овој скриен, но целосно достапен дијамант на Европа. АТТА (www.adventuretravel.biz) во текот на годината активно соработува со Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот во Македонија со цел да ја организира оваа конференција, информираат организаторите.

Според најавите, конференцијата ќе започне со т.н. „Ден на авантура“, каде што учесниците ќе имаат можност да ја доживеат Македонија и нејзината понуда преку избор на неколку еднодневни тури во околината на Охрид. Следните два дена од конференцијата ќе вклучат едукативни сесии, инспиративни говорници и настани за вмрежување, Б2Б средби и забави. Покрај ова, учесниците ќе имаат можност и понатаму да ја истражат Македонија и Балканот на т.н. „Пред-авантури“ и „Пост- авантури“ кои ќе траат по 3 и по 5 дена, а ќе бидат понудени и организирани од страна на локални тур-оператори.

-Групата на купувачите односно тур-оператори и специјализирани туристички агенции како и новинарите ќе бидат избрани да присуствуваат на конференцијата врз основа на нивните бизнис интереси во 12 поголеми балкански дестинации: Албанија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Хрватска, Грција, Косово, Македонија, Црна Гора, Романија, Србија, Словенија и Турција. Учесниците нема да присуствуваат на конференцијата со цел само да го научат она што ќе се предава, туку и со цел директно да ја искусат и доживеат туристичката понуда на регионот, како: сместувачките капацитети, различните спортски и културни активности, храната, историјата и локалното население, појаснуваат организаторите.

Тие потенцираат дека Балканот е избран како домаќин на настанот „Adventure Next Balkan“ , затоа што АТТА смета дека државите од овој регион се посветени во заедничката работа за подобрување на пристапноста до нивните културни и природните вредности.

-Македонија брзо стекнува углед како дестинација која нуди прекрасни планини, езера, флора и фауна, вкусна традиционална храна и традиционални пијалоци, богата култура и историско наследство, гостопримливи жители, како и низа на спортски активности планинарење, пешачење, параглајдинг, велосипедизам и часови по готвење. Посветеноста на Агенција за промоција и поддршка на туризмот во Македонија во изградбата на на една одржлива и одговорна индустрија на туризам, како и посветеноста во прекуграничната соработка и регионално брендирање за регион само докажува зошто Македонија беше избрана за домаќин на AdventureNEXT, се вели во најавата за конференцијата.

OhridNews