На 10 јуни во просториите на игралиштето на ОЕМУЦ „Св. Наум Охридски“ во Охрид ќе се одржи вториот хуманитарен турнир – Street Basket 3х3 „Од деца за деца“ Охрид 2023, под покровителство на ОСМТХ Командерија „Св.Наум Охридски“ – Охрид, а во соработка со К.К „Колибри“ – Охрид, Здружение Енхелеус Лихнид, Лабино саунд и Црвен Крст – Охрид.

Се повикуваат сите деца на возраст од 10 до 15 години да се пријават, без никаков надомест и сите заинтересирани фирми и граѓани со свои расположливи ресурси хуманитарно да се  приклучат на иницијативата, која ќе допринесе до подобрување на условите на деца со попреченост и аутистични деца, велат организаторите.

Oва е втор хуманитарен турнир – Street Basket 3х3 „Од деца за деца“ Охрид 2023 год., кој прераснува во една убава традиција, потенцираат организаторите, а турнирот ќе биде одлична можност за децата на возраст од 10 до 15 години од Охрид и пошироко, да се дружат, спортуваат и го развиваат хуманитарниот дух.

Турнирот во баскет “3 x 3“ ќе се игра на 10-ти јуни на игралиштето на ОЕМУЦ „Св. Наум Охридски“. Ќе се игра во систем по групи, а потоа ќе следи вкрстување и нокаут рунда, додаваат организаторите.

На турнирот ќе настапуваат деца од три категории и тоа: прва категорија за деца 10-11 годишна возраст, втора категорија за деца од 12-13 годишна возраст и трета категорија за деца од 14-15 годишна возраст.

Сите заинтересирани треба да состават своја екипа 3(тројца) или 3+1 (играч). Можат да учестуваат машки и женски екипи или екипи со мешан состав, без никаков надомест. Пријавувањето на екипите може да се врши на следниот телефонски број: 076/953-885. Сите собрани средства ќе бидат донирани во Центарот за аутизам во Охрид, велат организаторите.

Додаваат дека за најуспешните три екипи обезбедени се вредни награди од страна на главниот покровител на настанот, а секој учесник добива капа и маичка. Информираат дека  пријавувањето е во тек.

OhridNews