Втор месец вработените во охридската градинка се без здравствено осигурување. Вработените велат никој ништо не им кажува, што е проблемот и зошто здравственото осигурување не им се плаќа, истакнувајќи дека периодов самите приватно доколку имаат потреба ги плаќаат услугите и лекарства.
Директорката на установата Ирина Милеска ја потврди информацијата, посочувајќи дека проблем имаат со Фондот за здравство во Охрид.
Од 01.12.2022 година вработените од ЈОУДГ „Јасна Ристеска”-Охрид, нивните семејства и деца немаат здравствено осигурување. Како установа редовно и навремено ги плаќаме придонесите за пензинското и здравственото осигурување. Но, наидовме на проблем со Фонд за здравство-подрачна единица Охрид и сеуште не добивме одговор кога и како ќе се среди овој проблем, а веќе изминува уште еден месец. Околу 150 вработени заедно со нивните семејства и деца имаат потреба од лекување, терапии и сите закажани термини се откажани поради здравственото осигурување и истите не можат да ги користат здравствените услуги. Со оглед на ситуацијата со вирусот каде што се полни сите болници и амбуланти, вработените не можат да добијат лекарска грижа и се приморани здравствените услуги да ги плаќаат приватно, во оваа економска криза, а дел од вработените се лекуваат во домашни услови како што знаат и умеат, вели Милеска.
Изразува надеж дека во скоро време ќе добијат одговор и решение на овој проблем.
И Охридњуз се обиде да добие одговор од Фондот за здравство во Охрид каде е проблемот и зошто не им се плаќа здравствено осигурување на вработените во охридската градинка, дали и кога ќе биде решен овој проблем, но до моментот на објавување на текстот одговор не добивме.
Н.С.Ј.