Втора интервенција на Планинската спасителна служба Охрид (ПСС) за евакуација на безживотно тело од тешко пристапен планински терен.
Во 15:04 часот оперативниот центар на ПСС при Црвен крст Охрид, добил повик од жител на с. Брежани, Општина Дебрца, со информација дека високо над селото, шеесет годишно лице починало додека собирало шумски плодови.
Поради далечината и тешко пристапниот терен, беше побарано вклучување на ПСС, со цел спроведување на брза и безбедна евакуација на телото од починатото лице. Согласно протоколот за делување на тимовите од ПСС, бидејќи станува збор за несреќа со смртни последици, опертивниот центар случајот го пријави во СВР Охрид, од каде чекавме понатамошни упатства за делување. Во меѓувреме, беа мобилизирани два тима на ПСС. По проверка на пријавата од страна на СВР Охрид, двата тима на ПСС, во придружба на полициски службеник од СВР и еден тим на Итната медицинска помош од Охрид, се упатија на местото на несреќата, велат од ПСС Охрид.
Во 17:00 часот, додаваат, тимовите пристигнале на местото на настанот, каде од страна на лекар од ИМП била констатирана смрт, без видливи знаци на насилство.
За жал, поради условите во кои настанала смртта, од дежурниот Јавен Обвинител, беше наредено да се изврши увид од страна на Одделот за криминалистичка техника при СВР Охрид, што ја одложи евакуацијата на телото се до 21:15 часот кога тимовите на ПСС го предадоа телото на починатото лице на службата за погребални услуги. За жал, ова е втора ваква интервенција на ПСС, по онаа која се случи на 23.09.2023, во близина на Прентов мост, кога животот го загуби работник, кој работел на расчистување на далекуводот од вегетација, додаваа.
Воедно апелираат до надлежните институции за поефикасна координација во иднина со цел зголемување на ефикасноста, но и редуцирање на опасностите и ризиците за луѓето кои се вклучени во изведување на ваквите операции.
OhridNews