Серијата без пораз и примен погодок заврши на Лабуништа во Битола, откако Пелистер со гол пенал обезбеди минимална победа (1-0) во најинтересната пресметка од 17-та рунда во Втората македонска фудбалска лига југо-запад.

„Црно белите“ седум меча немаа примено погодок, а повеќе од 10 меча немаа пораз, но едно невнимание на потесната одбрана ги чинеше пораз. Во второто полувреме од натпреварот Благоја Љамчевски успешно го реализираше ударот од белата точка и донесе значајни бодови за „пелистерци“. Фудбалерите на Пелистер со триумфот над Лабуништа се искачија на третата позиција и се вратија во игра во борбата за пласман во Првата лига.

Лидерот на табелата, Струга Трим Лум ниту во третиот меч пролетнава полусезона не успеа да победи и да постигне погодок. „Црвено белите“ без голови ремизираа на домашен терен со Скопје.

Вистинско изненадување во првите три мечеви од втората полусезона е Тетекс кој со победата над Кораб (2-1) го задржа максималниот ефект. Гостивар со 3-2 го совлада кичевски Велазерими и ја забележа првата победа во пролетната полусезона. 17-та рунда ќе се комплетира со дуелот Гоблен Јуниор – Генч Калемлер кој ќе го суди охриѓанецот Фатмир Бафто.

Табела: Струга Трим Лум 31, Лабуништа 28, Пелистер 25, Гостивар 23, Скопје 23, Кораб 22, Велазерими 22, Генч Калемлер 18, Тетекс 18, Гоблен Јуниор 17.

OhridNews