Фудбалерите на Охрид го освоија целиот плен на гостувањето во Боговиње победувајќи го составот на Дрита со минимални 1-0 (0-0) во последната рунда од првиот круг во Втората македонска фудбалска лига-запад.

„Рибарите“, до првиот гостински триумф иначе втор вкупно сезонава стигнаа со погодокот на Игор Клечкароски во второто полувреме.

Првите 45 минути поминаа мирно со надмудрување на средината од теренот. Нешто подобра игра имаше во второто полувреме. Дрита во големата борба остана со фудбалер помалку и голем хендикеп во продолжение од натпреварот. Охриѓани го искористија човекот повеќе и преку Клечкароски погодија за водство.

До крајот домаќините притиснаа но охридските фудбалери ја сочуваа мрежата и забележаа значајна победа во борбата за опстанок.

За „сино белите“ ова е седми бод на табелата и продолжување на победничката серија која започна минатата рунда со минималниот триумф против Скопје.

Во следната рунда, Охрид гостува во Кичево кај тимот на Велазерими.

OhridNews