Уште од најрана возраст учениците треба да имаат изградено правилен однос кон македонскиот литературен јазик. Токму затоа е неопходно да се научат на правилно, убаво, содржајно и сликовито усно и писмено изразување како на сопствените мисли на тој јазик, така и на прочитани текстови.

Ова беше мотивот дваесет и пет ученици од второ и трето одделение од четири основни општински училишта во Охрид, „Григор Прличев“, „Св. Климент Охридски“, „Братство Единство“ и „Христо Узунов“ да бидат дел од проектот „Читаме гласно и раскажуваме“ на НУ Библиотека „Григор Прличев“ Охрид.

Дечињата не го криеја своето задоволство што присуствувале на овие часови искажувајќи ги своите впечатоци преку насловите на текстовите кои им оставиле најголем впечаток.

Бети Лазеска Симоноска, библиотекар во охридската Библиотека и носител на проектот во соработка со Христина Трпеска и Весна Симоноска, библиотекари во зајмување и обработка, исткана дека децата имале можност во еден поинаков амбиент од училишниот да читаат текстови со различни содржини во текот на изминатите две недели.

Децата се чувствуваа послободни од една страна, а од друга страна успеваме поблиску да  ја доближиме Библиотеката до самите нив. Бевме само припомош за наставниците и се надеваме дека успеавме само делумно да им помогнеме на децата во совладувањето на потешкотиите во читањето и усното изразување. Се надеваме дека вакви проекти ќе продолжат и во иднина бидејќи наидовме на обострано задоволство и од страна на децата и наше, зошто доказ беше нивната детска насмевка после секој завршен час, вели Лазеска Симоноска.

Проект од ваков вид, вели, за првпат се одржува во Библиотеката и смета дека имале успех изразувајќи надеж дека вакви проекти ќе продолжат и понатаму да се одвиваат со што ќе придонесат во надминување на тешкотиите со читањето и усното изразување и би го збогатиле речникот на учениците.

Имавме една подолготрајна подготовка на проектот во однос на содржините кои требаше да ги обработуваме и за овој последен час имаме натпревар во читање, кој најбрзо ќе го прочита текстот ќе добие соодветна награда и се разбира секој од овие деца си добива диплома за учество во проектот. Има деца кои имаат потешкотии во читањето и перидот од две недели и не е којзнае колку долг период, но држејќи ги и вака во малку поразличен амбиент послободно се чувствуваат и успеавме малку повеќе да бидат послободни во читањето и усното изразување, додава Лазеска Симоноска.

Проектот „Читаме гласно и раскажуваме“ беше одобрен од Министерството за култура според годишниот план за работа на охридската Библиотека.

Инаку, вкупно 45 проценти од децата во второ одделение имаат основни вештини за читање, односно можат правилно да прочитаат 90 проценти од зборовите во расказот, да одговорат на три прашања за буквални значења и две прашања за изведени значења. 69% од децата на оваа возраст успеале правилно да ги прочитаат зборовите, но само половина од нив точно одговориле на прашањата за изведени знаења, покажува мултииндикаторското кластерско истражување на Државниот завод за статистика.

Н.С.Ј.