Од 25 до 29- ти јуни, во Охрид ќе се одржи второто по ред издание на Детскиот интернационален фолклорен фестивал „Македонско оро“.

На него ќе учествуваат деца фолклористи на возраст од 7 до 15 години од Охрид и другите градови во Македонија, а ќе гостуваат и деца од десетина европски земји. Од Културно-уметничкото друштво „Охриѓанка“, организатор на фестивалот, истакнуваат дека фестивалот е можност да се презентира различен фолклор кој доаѓа од различни земји, а претставен преку младите луѓе кои покажуваат се поголем интерес за членување во фолклорните групи.


Интересот од страна на младите за негување на македонскиот фолклор е голем. Настојуваме игрите да ги стилизираме и модернизираме со цел фолклорот да го приближиме до младите, вели уметничкиот директор на фестивалот, Миленко Андрески.

Пред почетокот на фестивалот, учесниците ќе продефилираат низ центарот на градот, а собирањето на групите ќе биде пред Центарот за култура. Пред чинарот е предвидена кратка презентација на ората, а учесниците ќе настапат и на градскиот плоштад.

Фестивалот ќе се одржува во Центарот за култура “Григор Прличев”, а на него, освен културно-уметнички друштва од  Охрид, ќе учествуваат и КУД од Скопје, Блаце, Србија, Софија, Бугарија, како и фолклорните групи од Турција, Латвија, Словенија и Романија.

OhridNews