Независната советничка листа со реден број 13 „В.Ц.“, денеска излезе со повеќе забелешки кои се однесуваат на гласањето во избирачкото место 1313 во с. Подмоље. Носителот на листата, Владо Цветкоски, реагира дека независната советничка листа со реден број 6, предводена од Љупчо Настоски, која освои едно место во советот, на сметка на листата со реден број 13, нема освоено 981 глас, туку 977 гласа.
Според Цветкоски во спорното избирачко место 1313, Настоски нема освоено 10 гласа како што соопшти ОИК, туку 6 гласа, како што стоело во записникот потпишан од сите членови на избирачкиот одбор. Цветкоски изнесе уште една забелешка дека записникот за избор на членови на советот од избирачкото место 1313, што го има ОИК, бил различен од тој што го имале набљудувачите.
-Според тој записник советничката листа под реден број 6, група избирачи Љ.Н. нема освоено гласови. По усното барање на носителот на листата Љупчо Настоски, дел од ОИК на 23 март околу 18 часот повторно ги брои гласовите без овластени претставници на подносителите на листите и констатира дека во кутијата за советничка листа под реден број 6 има заокружено 10 ливчиња. ОИК констатира дека има 11 неважечки ливчиња, а во записникот заверен претходно, има 17 неважечки ливчиња, изјави Владо Цветкоски.
Тој најави дека советничката листа чиј предводник е тој, поднела жалба до Државната изборна комисија и очекува да биде уважен нивниот приговор.











