Претседателот на Република Србија, прогласи вонредна состојба во земјата поради состојбата со корона вирусот.

-Одлуката стапува на сила веднаш. – објави вечерва на прес конференција претседателот Александар Вучиќ, пренесува „Блиц“.

Од утре во Србија нема да работат улилиштата, градинките, факултетите, спортските вежбалници… Вучиќ посочи дека училиштата најверојатно нема да бидат отворени до крајот на учебната година, а земјата се подготвува за воведување онлајн настава.

-Ова е можеби најлошиот ден за Европа по Втората светска војна, во Италија умреа 368 луѓе, во Шпанија безмалку 200, додека во другите земји значително е зголемен број на починати од корона вирус. – истакна Вучиќ.

Тој рече дека на Србија и претстои тешка битка за секој граѓанин, особено за старите и болни лица кои се најголема мета на корона вирусот. Апелираше до нацијата да не крева паника и да не прави залихи од основни производи за живот во домовите, додавајќи дека потрошувачката на тие производи во земјата деновиве пораснала 100%. Напомена дека земјата има резерви на брашно за 12 месеци, но и дека на сила е забрана за извоз на овој производ

Вучиќ најави ангажирање на армијата, која ќе ги чува болниците, а за прекршување на вонредните мерки ќе следат казни. .

Земјата ги затвора границите за странски државјани, а граѓаните на Србија кои доаѓаат од кризните подрачја, како Италија, Шпанија, Франција и други, ќе мора да поминат задолжителен карантин од 28 дена, во спротивно им се заканува казна затвор до три години.

Во Србија заклучно со денешниот ден има 46 лица заразени од корона вирус.

OhridNews